Top Sport

Победата на Ливерпул кај „волците“ во сенка на хорор-повредата на Руи Патрисио

Диого Жота го постигна својот прв гол по камбекот од повреда, и тоа против својот поранешен клуб, за Ливерпул да стигне до минимална, но важна 1:0 победа на гостувањето кај Вулверхемптон, но триумфот беше во сенка на случката во последните десетина минути, кога голманот на домаќините, Руи Патрисио доби страшен удар во главата и по долг медицински третман на носилки беше изнесен од теренот.

Жота стрелаше во финишот на првото полувреме, за тимот на Јирген Клоп да се искачи на шестото место на табелата со 46 поени, пет зад четвртопласираниот Челси со само 9 натпревари до крајот на сезоната во тешка мисија за да се обезбеди топ 4 пласман и место во Лигата на шампионите. Вулверхемптон, пак, немаат победа четири меча и сега се наоѓаат на 13. место на табелата со 35 освоени поени.

На Руи Патрисио во 86. минута при една акција на Ливерпул, налета неговиот капитен Конор Коуди и тој доби удар со колено во глава. Ова е втора ваква повреда на главата за Вулверхемптон оваа сезона, откако мексиканскиот напаѓач Раул Хименез уште не е вратен во првиот тим по хорор-судирот со Давид Луиз од Арсенал во ноември минатата година.

Scroll to Top