Top Sport

Почина италијанската легенда Паоло Роси

Легендарниот италијански фудбалер, Паоло Роси, почина на 64 годишна возраст. Херојот на Италија од СП во 1982 година, работеше во националната телевизија РАИ. Веста за неговата смрт, утрово во 1:30 часот, прв ја објави неговиот колега Енрико Вариале.

„Тажни вести. Не напушти Паоло Роси. Незаборавниот Паблито кој сите не натера да се вљубиме во него, летото во 1982 година и кој беше ценете колега на РАИ во изминатите години. Почивај во мир“, напишал Вариале.

Потврда за смртта на Роси набргу стигнала и од неговата сопруга Федерика.

Паоло Роси во кариерата бил играч на Јувентус, Комо, Виченца, Перуџа, Милан и Верона. Кариерата ја завршил во 1987 година.

Со Италија стана светски првак, во Шпанија во 1982 година. Тогаш стана национален херој, постигна хет-трик против Бразил во четврт-финалната група, потоа два пати стрелаше прецизно против Полска во полу-финалето, а постигна еден од трите гола против Германија во финалето.

Роси беше најдобар стрелец на СП во 1982, а истата година ја доби и Златната топка.

Scroll to Top