Бизнисменот и поранешен политичар, Бернар Тапи, почина на 78 години по четиригодишна борба со ракот, оставајќи зад себе историја на спектакуларни бизнис-зделки, фудбалска слава и многу контроверзи
„Доминик Тапи и неговото семејство со тага ја објавуваат смртта на нејзиниот сопруг и нивниот татко, Бернар Тапи“, се вели во објавата во весникот „Ла Провенс“ во Марсеј, каде што Тапи беше главен акционер.
Тапи потекнуваше од сиромашно семејство во опасен кварт во Париз, пред да стане еден од најуспешните бизнисмени во историјата на земјата. Тој исто така беше министер за урбанизам под социјалистичката власт на Франсоа Митеран во 1990-тите, а потоа и член на францускиот и европскиот парламент.
Тој беше долгогодишен претседател на Олимпик Марсеј, со кој изгради еден од најмоќните француски клубови во историјата до ерата на Пари Сен-Жермен. Откако стана претседател во 1986 година, во клубот играа фудбалери како Алан Жирес, Жан-Пјер Папен, Крис Водл, Енцо Франческоли, Дидие Дешам, Марсел Десаи, Руди Фелер и Ерик Кантона.
Од 1989 до 1992 година, Марсеј освоија четири француски титули, а во 1991 година првпат играа во финалето на Лигата на шампиони, губејќи од Црвена звезда на пенали. Во 1993 година, тие повторно играа финале, победувајќи ги Милан со 1:0 за најголем европски успех на еден француски клуб.
Меѓутоа, потоа следуваа проблемите – во 1994 година поради финансиски нерегуларности и скандал со местење на мечеви, Марсеј беше пратен во втората лига, каде што остана две сезони. Тие исто така ја загубија титулата од 1992/93 и право да играат во ЛШ во 1993/94.
По ова Тапи дури заврши во затвор, а беше и обвинет за нелегално купување на „Адидас“ во 1990, пред да мора да го продаде германскиот бренд неколку години подоцна.