Пол Погба ги демантираше шпекулациите во англиските медиуми дека добил нова понуда од Манчестер јунајтед за продолжување на договорот со која би станал најплатениот фудбалер во Премиерлигата со 500.000 фунти неделна плата.
Французинот, кој се опоравува од повреда, влезе во последните шест месеци од договорот со клубот од „Олд Трафорд“, и неговиот портпарол даде официјална изјава дека нема никаква понуда од „ѓаволите“.
„За да се разјаснат медиумските извештаи, Пол нема добиено понуда за нов договор во последните месеци. Тој е фокусиран на враќањето од повредата за да му помогне на тимот што е можно побргу“, се вели во соопштението.
Доколку не се договорат за нов договор, тоа ќе значи дека 28-годишниот Погба вторпат ќе замине како слободен играч од „ѓаволите“. Тој се врати во клубот во 2016 година за 100 милиони евра од Јувентус.