Пол Погба можеби го одигра својот последен меч за Манчестер јунајтед, откако преодниот менаџер на тимот Ралф Рангник потврди дека повредата на мускулот на ногата значи крај на сезоната за 29-годишниот Французин.
Погба се повреди во првите минути од дербито со Ливерпул, а од лето е слободен играч без најави дека Јунајтед му понудиле да потпише нов договор.
„Пол Погба е во аут, најверојатно нема да игра до крајот на сезоната. Докторот ми кажа дека се потребни минимум четири недели, а последнио меч е на крајот на мај, така што тешко дека ќе биде во форма да игра“, изјави Рангник пред мечот со Арсенал во сабота.
Иако произлезе од славната академија на Јунајтед додека менаџер беше Сер Алекс Фергусон, тој беше пуштен да замине бесплатно во Јувентус, по што „ѓаволите“ платија тогаш рекордни 100 милиони евра во 2016 да го вратат на „Олд Трафорд“. Додека за француската репрезентација секогаш беше на ниво, времето со Јунајтед беше одбележано со слаба форма и многу повреди. Тој има 226 настапи за Јунајтед со 39 гола, освојувајќи една титул од Лига купот и една од Европа лига во 2017 година.