Најновото истражување на „Би-би-си“, најдобро илустрира колку пари се „вртат“ во најбогата фудбалска лига на светот, откако само два од 20-те премиерлигаши имале загуба во 2017, а дури 10 клуба можеле да играат пред празни стадиони (односно да немаат профит од продажба на билети) и пак би биле во плус.
Во сезоната 2016/17, во кои тимовите профитираа од рекордниот договор од 8.3 милијарди фунти за ТВ-правата, приходот од продажба на билети влијаел со помалку од 20 отсто. Роб Вилсон, професор на Универзитетот во Шефилд вели дека по потпишувањето на првиот голем ТВ договор во 2012, елитниот фудбал станал многу лукративен бизнис во Англија.
„Оттогаш фокусот се постави кон генерирање на повеќе ТВ пари, отколку на продажба на билети. Сега, оваа финансиска структура е многу стабилна. Кога ќе добиеш 120 милиони фунти од Премиер лигата, можеш да играш и на празен стадион ако го сакаш тоа“, вели Вилсон.
Бурнемаут, тимот кој има најмал стадион во Премиер лигата (11.450 седишта) и кои планираат поголем стадион, имале приходи од 136.5 милиони фунти во 2016/17, од кои само 5.2 милиони фунти од билети (помалку од 4 отсто).
Дали ова значи дека тимовите веќе не сметаат на луѓето кои доаѓаат на стадионите?
„Не, мислам дека тие се најважниот дел за фудбалските клубови. Фудбалерите и менаџерите доаѓаат и си одат, но ние сме секогаш таму. Причината зошто има богат ТВ договор е поради тоа што снимките покажуваат луѓе, песни и атмосфера на стадионите. Доколку сакаат да го задржат овој продукт, мораат да ги задржат и навивачите“, вели Малколм Кларк, претседателот на Асоцијацијата на фудбалски навивачи во Англија (ФС).