Роберт Левандовски заврши на осмото место во конечното гласање за Златната топка, која синоќа шести пат ја освои Лионел Меси.
Полјакот зад себе има неверојатна година која се уште трае. Од почетокот на сезоната има постигнато 27 гола на 21 натпревар. Од ноември лани до ноември оваа година Левандовски за Баерн и националниот тим постигнал 62 гола.
„Не сум разочаран среќен сум што сум овде покрај вакви сјајни фудбалери. Ова е поинаква средба од оние што вообичаено ги имаме. Сега не сме на фудбалски терен во дресови и на спротивни страни. Сега сме на гала-вечер и се дружиме“, рекол Левандовски.
Потоа за една телевизија од Полска ги коментирал резултатите од изборот. Впечатокот е дека Левандовски требаше да биде подобро пласиран.
„Рeзултати од ваков избор со толку различно гласачко тело секогаш треба да се земат со резерва. Поради не очекував висок пласман. Верувам дека ова што го покажувам оваа сезона ќе ми донесе подобро место наредната година“, рекол напаѓачот на Баерн и продолжил со доза на сарказам.
„Што треба да направам за да бидам подобро пласиран следната година? Морам да имам уште подобри бројки. Но јас сум свесен дека доаѓам од Полска и морам да бидам среќен со местото што го добив оваа година“.