Top Sport

Полуфинале на ЛШ: Манчестер сити-ПСЖ, Реал Мадрид-Челси!

Манчестер сити и Реал Мадрид успеаја да ја заддржат предноста од првите мечеви за да се пласираат во полуфиналето на Лигата на шампионите, каде што Сити во дуелот на најбогатите клубови на светот ќе се „пресмета“ со Пари Сен-Жермен, додека Реал Мадрид ќе игра со препородениот Челси под водство на Томас Тухел.

„Кралевите“ го изддржаа баражот удари во првото полувреме на Ливерпул на „Енфилд“ за да одиграат 0:0 и Зинедин Зидан да ги однесе до уште едно полуфинале на најголемото европско клупско натпреварување. Ливерпул имаа осум удари на голот во првото полувреме, јасно ставајќи на знаење дека одат на висока победа (им требаше барем 2:0 по гостинскиот 1:3 пораз), но Реал остана сигурен.

На „Сигнал Идуна парк“ во Дортмунд пак, англискиот тинејџер Џуд Белингам во 15. минута им „врати“ на Манчестер сити за неправедно поништениот гол на првиот меч, за водство од 1:0, кое ги носеше „милионерите“ во полуфинале. Сепак, во второто полувреме, во 55. минута, Сити добија пенал по очигледното играње со рака на Емре Џан, а Ријад Марез со силен удар не му даде шанса на голманот Марвин Хиц за интервенција.

Во оваа ситуација на Дортмунд им требаа два гола за да одат понатаму, но во 75. минута, уште еден англиски талент, овојпат во дресот на Сити, Фил Фоден стави точка на неизвесноста со убав гол.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/4 ФИНАЛЕ, ВТОР МЕЧ

Ливерпул – Реал Мадрид 0:0, прв меч 1:3, вкупно 1:3

Борусија Дортмунд – Манчестер сити 1:2, прв меч 1:2, вкупно 2:4

ВЧЕРА:

Пари Сен-Жермен – Баерн Минхен 0:1, прв меч 3:2, вкупно 3:3, ПСЖ одат понатаму поради повеќе голови во гости.

Челси – Порто 0:1, прв меч 2:0, вкупно 2:1

ПОЛУФИНАЛЕ

Пари Сен-Жермен – Манчестер сити

Реал Мадрид – Челси

Scroll to Top