Шпанската полиција уапсила неколку функционери на екипи од првата и втората лига, под сомнение дека местеле натпревари во мај минатата година. Меѓу уапсените е и поранешниот играч на Реал Мадрид, Раул Браво.
Шпанските истражни органи се сомневаат дека Браво бил мозокот на целата операција чија цел била инволвираните да заработат пари преку обложувалниците. Раул Браво бил играч на Реал во периодот од 2001 до 2007 година.
Покрај Браво уапсени се Борха Фернандез од Валјадолид, поранешниот фудбалер Карлос Аранда, играчот на Хетафе Самуел Саинц Алонсо и играчот на Депортиво Инњиго Лопез Монтања.
Меѓу уапсените е и поранешниот претседател на Уеска, Аугустин Ласаоса. Сомнителен бил токму натпреварот во финишот на минатата сезона, односно поразот на Уеска од Химнастик Тарагона (0:1).
„На овој случај работите една година, не можеме да кажеме ништо повеќе бидејќи работите, поради работата на полицијата, мора да се држат во тајност. Болно е што ова влијае врз клубовите, но најважно е да ја искорениме корупцијата од фудбалот“, рекол првиот човек на Ла Лига Хавиер Тебас.