Тренерот на Рома, Жозе Мурињо, ќе го пропушти стартот на новата сезона во Серија А, откако Италијанската фудбалска федерација му изрече десетдневна суспензија поради навреда на судија.
Мурињо беше казнет од дисциплинската комисија на ФИГЦ затоа што изјави дека Даниеле Чифи е „најлошиот судија што го видел во кариерата“ по ремито на неговиот тим со Монца на 3 мај.
Португалскиот тренер ќе треба да плати и парична казна од 50.000 евра.
УЕФА минатата недела го суспендираше 60-годишниот Мурињо на четири натпревари, откако го навредуваше судијата Ентони Тејлор по годинашното финале во Лига Европа.
На 31 мај, во финалето на Лига Европа во Будимпешта, Рома беше поразена од Севилја по изведувањето пенали. Португалецот го критикуваше Тејлор на прес-конференцијата по натпреварот, а потоа го чекаше англискиот судија и на паркингот на стадионот и го навредуваше.