Top Sport

Потпретседателот на Гозтепе демантира дека Абрамович веќе го купил клубот

Заменикот претседател на турскиот прволигаш Гозтепе, Талат Папатја ги демантираше написите во турските медиуми дека рускиот милијардер Роман Абрамович веќе го купил клубот и дека во петок ќе биде официјалната промоција.

Абрамович беше приморан да го стави европскиот шампион Челси на продажба по санкциите кои ги доби од британските власти поради блискоста со рускиот претседател Владимир Путин, и веднаш се појавија шпекулации дека е подготвен да го купи клубот од Измир, во кој прва ѕвезда е македонскиот репрезентативец Адис Јаховиќ. Главниот акционер во клубот, бизнисменот Мехмет Сепил неодамна ја напушти позицијата, уште повеќе зголемувајќи ги шпекулациите.

Папатја не демантира дека постојат одредени преговори, но посочи дека не треба да се избрзува.

„Абрамович не се сретна со никого во клубот. Нема таква работа. Во медиумите прочитавме дека Абрамович веќе го презел клубот и тоа не е вистина. Ќе се јавиме со официјално соопштение кога преговорите за тие работи ќе созреат“, изјави Папатја.

Scroll to Top