Top Sport

Пред 40 години, Алекс Фергусон го освои првиот и можеби најимпресивeн трофеј

Шкотскиот фудбал од 1965 до 1980 година, како и многу пати потоа, беше во знакот на Ренџерс и Селтик, за ова „статус кво“ да биде нарушено пред точно 40 години од тимот на Абердин, предводен од еден млад талентиран тренер со име Алекс Фергусон.

Со 5:0 победата над Хибернијанс на „Истер роуд“ на 3 мај 1980 година, се одбележа само втората титула во историјата на клубот.

„Последен пат тим надвор од Глазгов ја имаше освоено титулата во 1965 година, и луѓето си мислеа дека тоа ќе трае вечно. Но, Абердин во 70-тите градеше тим кој веруваше во титула. Но, од верување до остварување има многу голема разлика“, вели поранешниот капитен на Абердин, Вили Милер.

Тогаш на сцена стапува Александер Чепмен Фергусон во 1978 година, откако се докажа како млад менаџер со големи амбиции откако со Сент Мирен ја освои титулата во втората лига во 1977 година. При пристигнувањето на „Питорди“, тој беше свесен дека првата граница која треба да се помине е психолошка.

„Само 15 пати во еден век, шкотскиот шампионат беше освојуван од клуб кој не се викаше Селтик или Ренџерс. Доминацијата на гигантите од Глазгов траеше од основањето на фудбалот во Шкотска и придонесе менталитетот на другите тимови да биде таков. Но, таквата пасивност не беше за мене. Немав намера да останам Абердин да игра споредна улога. Сакав успех. Сакав трофеи“, напиша Фергусон во својата автобиографија.

Во текот на зимата 1979, работите не изгледаа најдобро – Абердин заостануваа 10 поени зад Селтик, но имаа три меча помалку. Две важни победи на „Селтик парк“ за 18 дена (2:1 и 3:1) ја сменија ситуацијата и Абердин веќе не го пушти водството. На почетокот на мај, на Абердин му требаше победа над Хибернијан, додека требаше Селтик да не го победи Сент Мирен, и мечот заврши 0:0.

Фергусон беше толку среќен, што на навивачте на шега им порача: „Ако сакате пијачка подоцна, поминете во мојот дом“. Двајца фанови го сфатија сериозно тоа и му се појавија на врата во 3 часот наутро.

„Останавме до утрото, прославувајќи и бевме прекинати само од двајца навивачи кои некако дојдоа во мојот дом. Немав поим кои се“, признава Фергусон.

Со титулата започнаа неверојатни шест години за Абердин – уште две лигашки титули, четири Шкотски купа, еден Лига куп, и секако, европската титула од Купот на победници купови, кога во финалето во Гетеборг со 2:1 го победија Реал Мадрид по продолженија.

Што се случи подоцна е историја – тој со Манчестер јунајтед освои 13 англиски титули, 5 ФА купа, 4 лига купа и два трофеи од Лигата на шампионите…

Scroll to Top