Претседателот на англиската Фудбалска асоцијација (ФА), Грег Кларк е сериозно загрижен за иднината на фудбалот во Англија, велејќи дека лигите ќе колабираат, а клубовите ќе пропаднат доколку продолжи сегашната криза со корона вирусот.
Премиерлигашите Тотенхем, Њукаскл, Бурнемаут и Норич веќе ја искористија шемата на британската влада за плаќање на 80 отсто од платата во текот на кризата во обид полесно да ги поминат економските последици, додека третолигашот Сандерленд ги постави и своите фудбалери од првиот тим во оваа шема.
Кларк пак, побара од сопствениците на клубовите, фановите и сите вклучени во фудбалот да ја „споделат болката“, но да го сочуваат спортот.
„Фудбалот се соочува со економски предизвици какви што не можевме да замислиме. По пандемијата ќе следат економски последици и ние сме во опасност да загубиме клубови и лиги поради оваа ситуација. Сите треба да сфатат дека Премиер лигата не е имуна на овие проблеми и дека цената која треба да се плати е превисока. Прва цел е да осигураме англискиот фудбал да не биде десеткуван ако оваа сезона се откаже, а следната биде ’осакатена’. Времето не работи за нас и не треба да се бара виновник. Фудбалот е тимски спорт и сега е време за тимска работа“, вели Кларк во своето соопштение.
Тој признава дека главната цел мора да биде завршување на сезоната за да се одреди кој ќе биде шампион, кој ќе влезе, а кој ќе испадне од лига.
„Никој не знае до кога ќе траат овие мерки, но човечките животи се најважни. Ние сме обврзани да ја завршиме сезоната за да се решат прашањата околу влегувањето и излегувањето од лигата и прогласувањето на шампиони. Меѓутоа, јасно ни е дека можеби нема да биде возможно да се заврши сезоната, бидејќи приоритетот се човечките животи, а не фудбалот“, додава Кларк.
Во анализата на британскиот таблоид „Дејли мејл“ има проценка на тоа колку клубовите од Премиер лигата ќе загубат во текот на кризата.