Top Sport

Претседателот на Наполи бара укинување на Лигата на шампионите

Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис вели дека Лигата на шампионите и Лига Европа треба да се укинат и да се формира нова европска лига од 80-тина клубови.

Лигата на шампионите, како и претходниот Купот на шампиони, останува трофејот кој најмногу се цени во Европа, а од 1990-тите лигашкиот формат донесе многу пари за УЕФА и за клубовите кои учествуваат. Лига Европа пак, се формираше од претходниот УЕФА куп со елиминација на Купот на победници на купови. Де Лаурентис вели дека овој формат пречи во развојот.

„Лигата на шампионите и Лига Европа мораат да се укинат. Лигата на шампионите е само за избраните неколку, а Лига Европа стана утешна награда. Наместо тоа, треба да има еден турнир за 80 клубови, од кои првите седум од Италија, Франција, Англија, Германија и Шпанија ќе имаат влез, и првите четири од другите европски лиги“, вели Де Лаурентис во интервју за „Кориере дела сера“.

Оваа сезона имаше многу изненадувања во Лигата на шампионите, каде што во полуфиналето се пласираа Ајакс, Тотенхем, Барселона и Ливерпул, но Де Лаурентис вели дека спектаклот е сè помал поради доминацијата на одредени тимови.

„Се работи за застарен модел и честопати имаме само спаринг партнери. Играме премалку и без спектакл. За да уживаш во гледањето на Манчестер сити-Тотенхем или Барселона-Ливерпул, фудбалот станува досаден“, додава Де Лаурентис.

Scroll to Top