Демант пристигна од Саудиска Арабија, по повод информациите дека престолонаследникот, принцот Мохамед бин Салман, планирал да го купи фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед.
Англиските медиуми пласираа информација дека принцот за сума од 4,3 милијарди евра планирал да го купи клубот, доколку Јунајтед изборат пласман во Лигата на шампионите.
Наводно, ривалството со кралското семејство од Абу Даби, во чија сопственост се наоѓа Манчестер сити, го натерале принцот Бин Салман, да ја разгледа можноста да го купи Манчестер Јунајтед.
„Тврдењата дека кралскиот принц Мохамед бин Салман планира да го купи Манчестер Јунајтед не се точни. Манчестер Јунајтед имаа состанок со Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија (ПИФ) во врска со потенцијално спонзорство. Меѓутоа двете страни не постигнале никаков договор“, соопштил на „Твитер“ министерот Турки ал Шабана.
Вредноста на Манчестер Јунајтед на берзата во Њујорк надминува четири милијарди евра. Според проценетата вредност пред Јунајтед се само Реал Мадрид и Барселона.
Семејството Глејзер пред 14 години го купи клубот за 900 милиони евра.