Ливерпул ја забележа 18-тата победа во 19 кола во англиската Премиер лига, откако на „Енфилд“ падна и Вулверхемптон со 1:0, благодарение на Садио Мане, и со мала помош на ВАР технологијата.
Најинтересен беше финишот на првото полувреме, кога прво во 42. минута, Садио Мане ја продолжи голгетерската форма со убав гол, кој мораше да биде проверуван од ВАР-системот поради можно играње со рака.
Ако тука немаше ништо сомнително, клучниот момент се случи по истекот на 45-те минути, кога Вулверхемптон, кои во претходното коло со неверојатен пресврт со 3:2 го победија Манчестер сити, постигнаа гол преку Педро Нето по една брза акција, но по долго чекање, голот беше поништен поради офсајд (кој на снимките не се гледаше) на бес на тренерот Нуњо Еспирито Санто, кој доби и жолт картон за реакцијата.
Вулверхемптон беше опасен противник и во второто полувреме, но до израмнувачкиот гол не успеаја да дојдат. Со победата, Ливерпул ја врати предноста на 13 поени пред Лестер со натпревар помалку за „црвените“.