Top Sport

Просинечки по седум кола доби отказ од Рудеш

Роберт Просинечки и хрватскиот клуб Рудеш во заеднички договор одлучија да ја прекинат соработката, соопшти загрепскиот клуб. Заедно со Просинечки клубот го напушти и неговиот прв помошник Гордан Циприќ.

Просинечки го презеде Рудеш на 1 јули 2023 година и на седум натпревари оствари едно реми и шест порази.

„Немам многу што да кажам. Џо (Шимуниќ), Стипе (Чондриќ) и јас бевме на состанокот. Седнавме, разговаравме, видовме дека е најдобро да се разделиме и дека сите, без никаков гнев, ќе тргнеме по својот пат“, изјави Роберт Просинечки.

Разделбата ја потврди и Јосип Шимуниќ.

„Лично, ми е крајно жал бидејќи Роберт Просинечки е голем господин и подеднакво одличен тренер. За жал, така е во фудбалот. И се договоривме дека е најдобро да ја прекинеме соработката. Навистина ми е тешко. Но, резултатите диктираат некои работи. Свесни сме сите, вклучително и тренерот Просинечки, дека од втората лига влеговме во прва лига, знаевме дека ќе биде тешко, но верувавме дека ќе успееме да постигнеме позитивни резултати. За жал, по седум кола имаме само еден бод, а нашите планови не се исполнија. Имаме уште многу кола до крајот, има многу бодови во игра и се надеваме дека ќе се искачиме што е можно побрзо од дноро. Секако, би сакал уште еднаш да му се заблагодарам на господинот Просинечки што се согласи да биде дел од нашата приказна во Рудеш“, потенцираше директорот на клубот Јосип Шимуниќ.

 

Scroll to Top