Македонската фудбалска репрезентација вечерва (20.45 часот) во Скопје ќе се судри со првиот фаворит во групата Г од квалификациите за Европското првенство во 2020 година, Полска, и ќе мора да покаже добра игра да покаже дека позитивните резултати можат првпат да ја однесат на едно големо натпреварување.
Избраниците на селекторот Игор Ангеловски по успешниот настап во Лигата на нации, продолжија импресивно и во квалификациите за Евро 2020, откако по гостинското 1:1 реми со Словенија, во Скопје ја победија со 3:1 Летонија, за заедно со Полска и со Израел да се промовираат во фаворити за пласман на континенталниот шампионат.
Информациите велат дека се продадени 20-тина илјади влезници за пресметката, што значи дека и поддршката ќе биде тука и селекторот ветува напаѓачки фудбал.
„ Ќе излеземе со цел да се бориме за позитивен резултат против еден квалитетен противник.Среќен сум што повредите нè одминаа. Дел од оние кои се враќаат од повредите направиja сè што можат да се вратат и да играат на овие натпревари. Тоа покажува какви личности имаме во тимот и тоа може само да ме радува. Ќе играме максимално офанзивно и одговорно и нема да менувам ништо од мојата филозофија. Ни доаѓа една квалитетна селекција, а тоа буди многу мотиви кај нас да се избориме за позитивен резултат и да покажеме колку вредиме. Левандовски е добар играч, но ние ќе играме против Полска. Само со тимска игра се справуваме со секој противник, па така ќе биде и утревечер. Воопшто не е важно против кој ривал играме, туку за што играме. Убеден сум дека тие кои ќе излезат на терен ќе го дадат последниот атом да се радуваме“, вели селекторот.
Полска во својот состав има фантастични фудбалери од најголемите европски клубови, како Роберт Левандовски, Аркадијуш Милик, Кшиштоф Пјонтек, и капитенот Горан Пандев смета дека се работи за вистински тест.
„Атмосферата е одлична, се подготвуваме добро и знаеме дека ни следат два тешки натпревари. Сепак, концентрирани сме само на натпреварот против Полска. Овој натпревар треба да ни го покаже патот во квалификациите. Ако ги победиме можеме да се квалификуваме на Европско првенство. Но, знаете каков тим и какви поединци имаат Полјаците во своите редови. Со помош на публиката можеме да се радуваме. Оваа генерација е зрела, најдобра со која сум играл во репрезентацијата и овие натпревари се вистински да го покажеме квалитетот и нашиот нов победнички менталит“, изјави Пандев.
Фото: УЕФА