Поразот од Монако е само последица на раздвоената соблекувална на Пари Сен Жермен, тврдат француските медиуми. Елиминацијата од Реал Мадрид во Лигата на шампионите ги откри „клановите“ кои ги има во тимот на „светците“. Наводно, се работи за „јужноамерикански“ и за „европски“ клан, фракции кои влијаат на тимското единство и на победничкиот дух.
Тренерот Маурисио Покетино не е способен да го обедини тимот, а тоа придонесува за слаби игри и резултати.
Тимот со ѕвезди е поделен на играчи што зборуваат на шпански јазик во соблекувалната, и другите кои се „домашни“, односно зборуваат на француски јазик. Едните и другите речиси и да немаат допирна точка. По поразот (0:3) од Монако раководството на клубот наводно се обидува да ги приближи двете страни. Сепак, двете фракции се обвинуваат меѓусебно за недостаток околу посветеноста кон клубот.
Во моментов Пари Сен Жермен е водечки тим во Франција и речиси сигурно ќе ја врати титулата во Париз, но амбициите на клубот беа многу поголеми, да го освои трофејот во Лигата на шампионите.