Жешко лето престои на „Паркот на принцовите“, откако Килијан Мбапе реши да ја прифати најголемата понуда во историјата на фудбалот и да остане во својата татковина.
Откако го решија овој проблем, челниците на ПСЖ сега ќе започнат целосна реконструкција на тимот.
Според француските медиуми, Мбапе, сака во тимот да дојде неговиот добар пријател од Барселона, Усман Дембеле. 24-годишникот е слободен играч и тој може без оштета да замине од „Ноу Камп“.
„Ле Паризијен“, пишува дека Дембеле сигурно ќе пристигне во Париз и дека Нејмар ќе го напушти клубот.
„ПСЖ се подготвени да го продадат Нејмар. Прашање е само дали ќе се појави клуб кој е подготвен на Бразилецот да му ја даде платата што ја сака“, пишуваат Французите, а шпанските медиуми наведуваат дека Нејмар вчера бил снимен на аеродромот во Барселона.
Нејмар, 30-годишниот Бразилец, е најскапиот играч во историјата на фудбалот. ПСЖ пред пет години го донесе од Барселона за 222 милиони евра, а Бразилецот не успеа да ја оствари целта и да им ја донесе на Парижаните титулата европски првак. Тој има договор до 2025 година.