Top Sport

ПСЖ ќе го стави Нејмар на трансфер-листата

ПСЖ во вторник го игра клучниот натпревар во сезоната. Во првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампиони, во Париз ќе гостува Баерн Минхен. Од исходот на оваа осминафинална пресметка зависи целата сезона на клубот од „Паркот на принцовите“. Париските шеици вложија милијарди евра во клубот со цел да ја освојат Европа, но тоа се уште не се случи.

Килијан Мбапе сигурно нема да игра против Баварците, под знак прашалник е и Лионел Меси, а шампионот на Франција е во голема игра и резултатска криза. Минатата недела парижаните беа елиминирани од Марсеј во купот, имаат три порази во првенството, а во последното коло, викендов загубија со 3:1 од Монако.

Но, уште поголем проблем од резултатот е атмосферата во соблекувалната која Нејмар од ден на ден ја влошува. Бразилецот по поразот од Монако направил вистински хаос во соблекувалната бидејќи прво се расправал со соиграчите, а потоа го нападнал спортскиот директор Луис Кампос. Ова не е прв ваков испад на Нејмар и претходно тој правеше слични глупости, клубот знаеше да му прости, но изгледа и на тоа му дојде крајот.

„Ле Паризиен“, денеска објави дека во клубот одлучиле, дека е најдобро Нејмар да го напушти Париз, бидејќи внесува непотребен немир во тимот. ПСЖ на лето ќе го стави на трансфер листа.

Нејмар во ПСЖ пристигна како огромно засилување пред речиси шест години од Барселона за рекордни 222 милиони евра.

Сепак, прашање е дали ПСЖ ќе може да го продаде фудбалерот кој има цврст договор. Цената за него верјатно нема да претставува проблем за богатите клубови, но голем проблем е неговата плата од околку 30 милиони евра на годишно ниво.

Scroll to Top