Top Sport

ПСЖ му понудил на Мбапе 40 милиони евра за да замине, но тој одбил

Килијан Мбапе, чиј потенцијален трансфер од ПСЖ во Реал Мадрид повторно се претвора во најголема фудбалска сапуница летово, неодамна даде интервју за „Франс Фудбал“ во кое го критикуваше клубот и неговите амбиции да ја освои Лигата на шампионите.

Мбапе изјави дека ПСЖ во моментов не може подобро бидејќи е ограничен за најголемите достигнувања, а за тоа го обвини раководството на клубот. Тоа беше последната капка за трпението на париските шеици, па по контроверзното интервју, претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи, му порача на Мбапе дека не разбира зошто не го напушта клубот ако тоа навистина го мисли.

Најдобриот стрелец на Мундијалот во Катар последните месеци ги иритира навивачите и сопствениците на клубот од „Паркот на принцовите“ упорно одбивајќи да го продолжи договорот кој му истекува следното лето. Сопствениците на клубот му поставија ултиматум дека мора да потпише нов договор или ќе биде ставен на трансфер – листа.

Мбапе не сака да си замине, а причината е огромен бонус од дури 80 милиони евра доколку остане во клубот до првиот ден од август. Во ПСЖ се свесни дека Мбапе сака да замине, веројатно во Реал Мадрид, а клубот сака да го продаде по секоја цена за следното лето да не замине како слободен играч.

Катарските сопственици му понудија половина од тој бонус, односно 40 милиони евра, но одличниот напаѓач го одби предлогот. Мбапе сака да го одработи договорот и да добие загарантиран бонус и да замине после една година без отштета.

Мбапе ќе добие огромен бонус за потпис со својот нов клуб поради фактот што пристигнал без обештетување, па дури е подготвен да остане на „Паркот на принцовите“ уште една година и покрај заканите дека ќе биде префрлен на клупата за резерви.

Scroll to Top