На амбициите на Пари Сен-Жермен очигледно им нема крај. Според француските медиуми, катарските сопственици на клубот, „Катар спортс инвестментс“, подготвуваат понуда која Пеп Гвардиола нема да може да ја одбие и покрај неговите тврдења дека е задоволен во Манчестер сити.
Според британскиот „Експрес“, оваа понуда може да значи Каталонецот да си замине на крајот на оваа сезона, која сигурно ќе биде неговата најнеуспешна во англискиот фудбал. Семејството на Гвардиола се врати во Барселона минатото лето, најмногу поради бизнисот со мода на неговата сопруга, но Пеп неодамна изјави дека нема намера да си оди од Манчестер.
„Не се работи само за тоа дали сме победиле во последните два меча. Дури и да биде лошо, не одам никаде. Ниту еден менаџер не победува постојано, а јас уживам во работата со овие фудбалери“, изјави Гвардиола.
Трансферот може да има и политичка позадина. Сопственици на сити се кралското семејство на Абу Даби, инаку дел од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), кои не се во најдобри односи со Катар (дури ги имат и прекинато дипломатските односи).
Сегашниот тренер на ПСЖ, Германецот Томас Тухел има над 75 отсто успешност во неговите мечеви, но не е тајна дека газдите ќе бидат задоволни само со освојувањето на Лигата на шампионите, каде што и лани тие потфрлија. ПСЖ игра со поранешниот тим на Тухел, Борусија Дортмунд во осминафиналето во февруари.
PSG 'ready to make Pep Guardiola massive offer to leave Man City' if they sack Thomas Tuchel https://t.co/3lg1Xt4FNn
— Sun Sport (@SunSport) January 19, 2020