Нејмар е подобар од Лионел Меси и Кристијано Роналдо. Барем според најновиот договор со „Пума“, која ќе му плаќа 25 милиони евра годишно, што претставува најголемиот годишен спонзорски договор за индивидуален спортист.
28-годишната ѕвезда на ПСЖ го прекина партнерството со „Најк“ овој месец, заминувајќи си од американскиот бренд кој го поддржуваше од неговата 13-та година, иако имаше уште две години од 11-годишниот договор, откако „Пума“ реши да направи голема инвестиција во ризичниот пазар.
25-те милиони евра се повеќе од 16-те милиони евра кои Кристијано Роналдо ги добива од „Најк“, додека поранешниот соиграч на Нејмар, Лионел Меси добива 20 милиони евра од „Адидас“. Огромните суми ги откри магазинот „Форбс“, иако не е јасно на колку години е договорот на Нејмар со германскиот бренд, кој потписот го прослави со слоганот: „Кралот се врати“, бидејќи Нејмар ќе биде заштитно лице на „Кинг“ копачките.
Самиот Нејмар, можеби малку цинично, изјави дека историјата на „Пума“ била важен фактор за потписот (покрај парите).
„Пораснав гледајќи видеа на големите фудбалски легенди како Пеле, Кројф, Матеус, Еузебио и Марадона. Сакам да ја продолжам историјата која тие фудбалери ја направија“, изјави Нејмар.
Неговиот клуб ПСЖ, пак, како спонзор го има „Најк“, но се верува дека немаат проблем со индивидуалниот договор доколку Бразилецот ја посвети иднината на францускиот шампион.