Top Sport

Работнички го „прати“ Скопје во Втора лига, Вардар ја заврши сезоната со тежок пораз

Пред последното коло од македонската Прва лига останаа малку неразјаснети прашања, кои се решија на мечот на „Филип Втори“ меѓу Работнички и Скопје.

И покрај тоа што Скопје двапати водеше, Работнички стигна до 4:2 победа за да го обезбеди третото место на табелата и место во квалификациите за Лигата на Европа, и во исто време да го прати тимот од Автокоманда директно во Втора лига, откако Победа со 1:0 ја совлада Ренова и заврши пред Скопје на табелата.

Вардар сезоната во која требаше да ја брани титулата ја завршува со низа порази и ремија, откако беше декласиран со 4:1 на гостувањето кај Шкупи во Чаир. Јашаровски постигна два гола, Илијоски и Шабани по еден за импресивна победа на Шкупи на радост на бројните навивачи.

И покрај победата, Шкупи не е сигурен во европските купови, односно во Лигата на Европа – за тоа му е потребно Шкендија да го победи Пелистер во финалето на Купот на Македонија.

Шампионот Шкендија фантастичната сезона ја заврши со уште една лесна победа, овојпат со 4:0 против уште еден иден второлигаш, Пелистер. Двапати Ферхан Хасани и по еднаш Жуниор и Алими и донесоа на Шкендија фантастична 29 победа во 36 кола оваа сезона, сигурно најдобрата во историјата на клубот од Тетово, во која ја надминаа „магичната“ граница од 100 голови.

ПРВА ЛИГА, 36. ПОСЛЕДНО КОЛО

Академија Пандев – Силекс 1:2

Победа – Ренова 1:0

Работнички – Скопје 4:2

Шкендија – Пелистер 4:0

Шкупи – Вардар 4:1

КОНЕЧНА ТАБЕЛА, СЕЗОНА 2017/18

1.Шкендија 91 – ЛИГА НА ШАМПИОНИ

2.Вардар 56 – ЛИГА НА ЕВРОПА

3.Работнички 52 – ЛИГА НА ЕВРОПА

4.Шкупи 51

5.Силекс 50

6.Академија Пандев 42

7.Ренова 41

8.Победа 38 – БАРАЖ ЗА ОПСТАНОК

9.Скопје 35 – ВТОРА ЛИГА

10.Пелистер 34 – ВТОРА ЛИГА

Фото: ФК Работнички, ФК Шкупи, ФК Шкендија

Scroll to Top