Top Sport

Јејтс „царува“ на Џирото, победи и на 15. етапа (видео)

Лидерот на трката, Сајмон Јејтс направи фантастичен напад на претпоследното искачување за да стигне до соло победа на 15. етапа на Џиро Д’Италија и да ја зголеми предноста пред уморниот Холанѓанец Том Думулин.

Британскиот велосипедист на Мичелтон-Скот ја започна етапата сп 1:24 предност пред актуелниот шампион Думулин и ја покажа силата на планините за по крајот на етапата да има 2:11 пред Думулин (Санвеб) и 2:28 пред третопласираниот Доменико Поцовиво пред вториот ден на одмор и финалниот напад на Доломитите следната недела.

Думулин ја заврши етапата во групата со Поцовиво, Тибо Пуно, Ришард Карапаз и Мигуел Анхел Лопез и ТВ-камерите неколку пати го покажаа како бара од неговите ривали да тргнат во напад, но тоа не се случи.

Крис Фрум по еуфоричната победа на драматичната саботна етапа на Цонколан, заврши во третата група и практично ги загуби шансата за изненадувачка победа на Џирото. Кога Јејтс нападна на 18 километри пред крајот, Фрум изгуби контакт и на крајот заостана дополнителни 1:32 зад Јејтс.

Фото: ЕПА

Scroll to Top