Работнички го доживеа третиот последовен пораз во првенството откако денеска на арената „Тодор Проески“ загуби од Струга Трим Лум со 1-3. Поради лошата серија резултати, раководството на клубот одлучи да се раздели со шефот на стручниот штаб Борче Христов.
„Кога резултатите не се во корист на тимот, одговорноста прв ја презема шефот на стручниот штаб. По трите порази едноподруго, донесовме одлука за разделба со тренерот Борче Христов. Се надеваме дека оваа промена ќе ги разбуди и фудбалерите. Би сакал да му се заблагодарам на тренерот Борче Христов за посветеноста и досегашната работа во клубот, му посакуваме многу среќа во понатамошната кариера“, изјави претседателот на Работнички, Драган Поповски, за официјалниот сајт на клубот.
На следниот натпревар против Брегалница в среда, тимот ќе го предводат досегашните асистенти на Борче Христов, Стојанче Игњатов и Блаже Јанакиевски.