Контроверзниот агент Мино Рајола вели дека пазарот на фудбалери е „театарска продукција“ која тој ја креира, но вели дека ќе работи на „револуција“ против ФИФА за овој вид на трговија со луѓе.
Рајола е агент на фудбалери како Пол Погба, Златан Ибрахимовиќ, Џиџи Донарума и Матијс де Лихт, и никогаш не му било грижа дали е контроверзен, што го покажа со интервјуто со белгискиот веб-сајт „Футбалмагазин“.
„На 1 јануари, театарот се отвара, завесата се крева и почнува шоуто. Но зад сцената, главните актери се зафатени со проби повеќе од половина година. Истото е и кај нас. Со Ерлинг Халанд на пример работевме цела година, заедно со неговиот татко. Зборував со повеќе клубови, ги слушнав плановите, ги видов бројките и преговарав. Не сакам да бидам арогантен, но јас го креирав овој пазар. Фудбалот стана шоу и збава. Го измислив пазарот во 25-те години во кои сум активен и тој сега е огромна индустрија, која ја формирав со критики и со заштита за моите играчи“, вели Рајола.
Околу вестите дека Рајола заработил над 49 милиони евра за трансферот на Пол Погба од Јувентус во Манчестер јунајтед, агентот е искрен.
„Не се заканив на никого во Манчестер јунајтед со пиштол да го вратат Пол Погба. Чудно е што се зборува за мојата заработувачка, но не слушнавме ништо кога Ајакс доби 150 милиони евра за две момчиња, Де Лихт и Де Јонг. Тогаш тоа е во ред, а Ајакс завршиле добра работа“, објаснува Рајола.
Тој исто така вели дека планира да се „одвои“од ФИФА за клубовите и агентите да работат не зависно од „корумпираниот монопол со неспособни лидери“.
„ФИФА е завршена приказна, стариот систем дојде до крај. Ова е старт на нова ера, сега ја формираме. Време е за револуција. Треба да се поништи сегашниот трансфер-систем, бидејќи е еден вид на трговија со луѓе“, вели Рајола.