Мега-агентот, Мино Рајола прво ги налути фановите на Манчестер јунајтед околу коментарите за Пол Погба, а сега „удри“ и по Ариго Саки, откако легендарниот тренер на Милан го критикуваше Марио Балотели, уште еден негов фудбалер.
„Расправијата“ започна по неимпресивното 1:1 реми на Италија со Полска, во меч во Болоња кој Балотели беше стартер, но беше исвиркан поради слабата игра. Саки беше брутален во оценката на Балотели.
„Тој е пример на фудбалер кому му недостасува интелигенција, нешто што е многу поважно од тоа што го имаш во нозете“, изјави Саки.
Напаѓачот на Ница одговори на Инстаграм, со порака: „Не го уништувајте добриот ден мислејќи за лошото вчера. Пушти го. Јас сум силен, а вие?“.
Сега, Рајола реши да влезе во директен напад на Саки, кој беше тренер на еден од најдобрите тимови во историјата на италијанскиот фудбал, „Ил гранде“ Милан од крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите.
„Интелигенцијата е потребна не само во фудбалот, туку и во животот. Со своите зборови, Саки покажа дека нема ниту интелигенција, ниту класа. Не сфаќам зошто слушаме некој кој живее во минатото и се фали со успехот на Милан кој ќе победуваше и без тренер. Саки треба да му заблагодари на Силвио Берлускони и да се потсети на финалето со Италија кое требаше да го добие. По Милан не направи ништо никаде и тој е последен што треба да дели лекции. Тоа што го кажа за Марио потврдува дека тој е готов. Сега е за жалење“, изјави Рајола.