Британскиот „Мирор“ тврди дека супер-агентот Мино Рајола има намера да го направи фудбалерот на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд првиот фудбалер на светот кој ќе заработува по милион фунти неделно.
Рајола веќе предизвика контроверзи, откако со таткото на фудбалерот, Алф-Инге Халанд ги посетија Реал Мадрид и Барселона да го нудат голгетерот на шпанските гиганти. Сега, според „Мирор“, тој има детален план за Норвежанецот – со основната плата, правата на неговиот имиџ, дигиталните обврски и комерцијалните договори да стигне до магичната сума од милион фунти неделно.
Тие тврдат дека овие барања на агентот значат дека повеќето големи клубови веќе испаднаа од трката за Халанд и дека засега само Манчестер сити, Реал Мадрид и Пари Сен-Жермен се клубовите кои се подготвени да дадат вакви суми. Во Барселона, наводно биле шокирани од условите кои ги поставиле Рајола и таткото на Халанд, а Манчестер јунајтед воопшто не сакале да работат со Рајола, по искуството со Пол Погба.