Top Sport

Рајола: Сите во Манчестер јунајтед знаат дека Погба сака да си оди

Пол Погба сака да си замине од Манчестер јунајтед и сите главни луѓе на гигантот од „Олд Трафорд“ го знаат тоа, вели неговиот агент Мино Рајола во интервју за „Тајмс“.

26-годишниот Французин не се појави на тренинзите пред стартот на сезоната оваа недела, зголемувајќи ги шпекулациите дека сака да си оди од Јунајтед по изјавата во јуни дека „сега е добро време за нов предизвик“, а сега Рајола го потврдува ова.

„Сите ја знаат желбата на Пол да оди понатаму. Сега сме во тој процес. Сите ги знаат чувствата на Пол, сите во клубот, од менаџерот до сопственикот ја знаат неговата желба“, вели Рајола.

Запрашан дали Погба ќе патува со клубот на турнејата пред сезоната во Австралија во недела, Рајола вели дека не може да даде одговор.

„Не можам да ви кажам ништо, живеам ден-за-ден“, објасни Рајола.

Околу иднината на Французинот постојат шпекулации веќе неколку месеци, прво по несогласувањата со претходниот менаџер на клубот, Жозе Мурињо, но сега и под Оле Гунар Солскјер работите не одат најдобро.

Реал Мадрид, секако, се први фаворити за услугите на Французинот, но тука се и неговиот поранешен клуб, Јувентус. Погба има договор со Јунајтед до 2021 година, а откако се врати во 2016 имаше 31 гол во 135 меча. Заедно со Маркус Рашфорд и Давид де Хеа, тој беше фудбалерот со најмногу настапи за Јунајтед минатата сезона – 47 меча.

Англискиот преоден рок трае до 8 август, но италијанскиот е „отворен“ до 23 август, а шпанскиот до 2 септември.

Scroll to Top