Top Sport

Вимблдон: Ѓоковиќ добро се испоти против Хуркач, Халеп ја „уништи“ Азаренка

Светскиот рекет број 1 и актуелен шампион од Вимблдон, Новак Ѓоковиќ имаше тешка задача на „Теренот број 1“ да го победи полскиот тенисер Хуберт Хуркач во четири сета со 7:5/6:7(5)/6:1/6:4 за да се пласира во четвртото коло на гренд слемот на трева.

Откако судијата на столче му забрани да го носи капчето „Лакост“ поради црната линија (на Вимблдон сè мора да е бело), на Србинот како да му пречеше сонцето во првите два сета, бидејќи Хуркач успеа да израмни на 1:1 во тај-брејкот во вториот сет. Откако го доби третиот сет со лесни 6:1, Ѓоковиќ повторно наиде на упорноста на 22-годишниот Хуркач, но сепак го комплетираше мечот и победата по два часа и 3 минути игра.

По победата, на Ѓоковиќ му се „отвори“ патот до финалето во неговиот дел од ждрепката, откако Аргентинецот Гвидо Пелја го елиминираше четвртиот носител, Кевин Андерсон во третото коло со импресивна 6:4/6:3/7:6(4) победа на „Централниот терен“.

Минатогодишниот финалист Андерсон немаше шанси против инспирираниот Пелја, а најдобриот поен на мечот беше претпоследниот кога двајцата одеа на мрежа пред Пелја да го добие поенот и да постави три меч-топки.  Следен за Пелја, кој првпат е во втората недела на еден гренд слем, е Канаѓанецот Милош Раонич, финалистот од 2016 година.

Кај дамите, во пресметка на две гренд слем шампионки, Симона Халеп ја „здроби“ Викторија Азаренка со 6:3/6:1 праќајќи порака дека е подготвена за големи работи на „Ол ингланд клубот“.

Халеп губеше со 3:1 на стартот на мечот, по што освои шест гема во низа и ја презеде контролата на мечот завршувајќи го за само 66 минути. Халеп имаше 13 победнички топки и само 9 неизнудени грешки, додека играта на Азаренка стануваше сè похаотичка и Белорусинката направи 33 неизнудени грешки.

Халеп сега ќе игра против подобрата од дуелот на Словенката Полона Херцог или 15-годишната американска сензација Кори Гоф.

Scroll to Top