Фудбалскиот репрезентативец на Хрватска, Иван Ракитиќ (32), во интервју за шпанскиот „Ел Паис“ изјави дека сака да игра за Барселона и во следната сезона и дека освојувањето на Лигата на шампионите би ги покрило сите лоши работи сезонава.
„Отсекогаш сум велел дека сакам. Не треба да размислувам поинаку. Секој што ме познава знае дека сакам да играм, тоа е она што го сакам. Имам голема почит кон сите. Не сакав да се ставам пред другите или да направам нешто што може да создаде лоша атмосфера во групата“ вели Ракитиќ кој сезонава настапи на 41 натпревар и имаше учинок од 4 асистенции и 1 гол.
Хрватот смета дека неговата работа на теренот не се забележува, па славата оди кај напаѓачите.
„Кога некој не го гледа натпреварот, тој подоцна прашува како заврши и кој постигнал гол. Тој не прашува кој игра добро, кој спасил гол, одзел најмногу топки. Но, во тимот секој има своја улога. Би сакал да дриблам како Меси или да постигнувам голови како Суарез, но ова е Барса и сите имаат свои квалитети. Јас сум тука да помогнам, да трчам, да придонесувам колку што можам во нападот и во одбраната“ вели фудбалерот кој на „Ноу Камп“ пристигна летото 2014 година.
Ракитиќ даде свој коментар и за тренерот Кике Сетиен кој седна на клупата во јануари годинава, и оттогаш Барса испадна од Купот и ја загуби титулата шампион на Шпанија од најголемиот конкурент – Реал Мадрид.
„Тренерот дојде во јануари, директно на натпревар. После тоа бевме затворени во куќи заради коронавирусот. Ова е истата група на играчи, само со неколку нови фудбалери, така што мора да останеме позитивни бидејќи сè што постигнавме порано беше затоа што се држевме заедно. Ние се обидуваме да ја одземеме топката од противникот што е можно поскоро, но пред нивниот гол, затоа што можеме да нанесеме многу штети со нашите напаѓачи. Неопходно е да работиме заедно, во координација, затоа што во случај кога противникот ќе се спротивстави, треба да трчаме 70 метри назад. И тука имаме проблеми. Треба да бидеме поагресивни и попаметни“ – рече Ракитиќ.