Серхио Рамос инсистира дека се согласува „многу добро“ со својот колега од шпанската репрезентација, Жерард Пике, но признава дека зборувањето за политика може да штети на репрезентацијата.
Пике беше во солзи по контроверзниот каталонски референдум за независност, откако доби свирежи од шпанските навивачи, а тренингот на репрезентацијата беше откажан по само 23 минути.
„Политиката штети на националниот состав. Ми се допаѓа сè во тимот, меѓутоа како капитен морам да бидам свесен за сè што се случува. Однесувањето на Пике секогаш било достојно за почит, без разлика на тоа што мислат другите“, изјави Рамос во интервју за „Онда серо“.
Шпекулациите дека Рамос и Пике имаат „затегнати“ односи постојат подолго време, посебно кога Рамос со Реал игра со Барселона со Пике во тимот.
„Ако ја споредите сегашната ситуација со тоа што го имавме пред некое време, можам да ви кажам дека денеска се согласуваме многу добро. Претходно, речиси да немавме односи. Се почитувавме дека игравме заедно и знаевме дека заедно сме еден од најдобриот тандем во одбраната на светот. Кога раснеш и созреваш ги оставаш работите кои претходно си мислел дека се многу важни. Затоа, сега односите се многу подобри“, додава Рамос.