Top Sport

Рамос побара почит кон тренерот Солари по шпекулациите за Мурињо

Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос побара малку поголема почит кон тренерот Сантијаго Солари отфрлајќи ги прашањата дали Жозе Мурињо може да се врати на „Бернабеу“ по отказот од Манчестер јунајтед.

Мурињо помина три сезони во Реал од 2010 до 2013, освојувајќи ја титулата од Ла лига со рекордни 100 поени и кревајќи го Копа дел Реј. Но, слично како во Манчестер, неговото владеење во „кралскиот клуб“ го подели клубот и навивачите, а Рамос беше еден од неговите најголеми критичари.

Реал пак, оваа сезона по заминувањето на Зинедин Зидан го отпуштија Хулен Лопетеги во октомври и го поставија неискусниот Солари, по што шпанските медиуми веднаш шпекулираа за враќањето на Мурињо. На Рамос не му се допаѓа тоа.

„Мурињо си замина пред пет години и сите уште зборуваат за него. Луѓето треба да покажат малку поголема почит за сегашниот тренер. Јас не сум тој што решава кој ќе биде тренер на Реал Мадрид“, одговори Рамос луто на прашањата пред финалето од Светското клупско првенство против Ал-Аин во сабота.

Солари има 10 победи во 12 натпревари откако го замени Лопетеги, но заостанува пет поени зад Барселона во Ла лига, и доживеа историски 0:3 пораз од ЦСКА Москва во последното коло на ЛШ.

Scroll to Top