Тренерот на Манчестер јунајтед, Ралф Рангник, изјави дека клубот мора да донесе двајца модерни напаѓачи кои ќе донесат квалитет кога новиот тренер Ерик тен Хаг ќе започне со обнова на тимот.
Јунајтед се шести во Премиер лигата, на досегашните 35 натпревари тимот има постигнато 57 гола или 27 помалку од водечкиот Манчестер сити, а Кристијано Роналдо постигна 24 гола на 38 натпревари во сите натпреварувања, од кои 18 во лигата.
„Роналдо не е централен напаѓач и не сака да игра на таа позиција. Очигледно на клубот му требаат двајца нови напаѓачи кои ќе донесат квалитет и повеќе опции во нападот. Ни требаат двајца модерни напаѓачи, кои не мора да се крилни играчи. Ако ја погледнете ситуацијата во меѓународниот фудбал нема многу врвни тимови кои играат со двајца напаѓачи. Повеќето играат со тројца напаѓачи или со лажна деветка“, вели Рангник.
Тој ја коментираше и ситуацијата во Манчестер сити и Ливерпул кои се борат за титулата во Премиер лигата.
„Ако ги погледнете Ливерпул и Манчестер сити, ќе забележите дека имаат пет или шест напаѓачи од светска класа. Габриел Жесус до пред четири недели едвај играше за Сити, а сега е стандарден. Ако ме прашате дали е централен напаѓач или крило, или дали Џек Грилиш е крило или напаѓач, мојот одговор е дека и двајцата се напаѓачи и можат да играат на повеќе позиции. Ние такви играчи немаме“, рече Рангник.
Ралф Рангник заминува на крајот од сезоната ќе биде селектор на Австрија, но ќе остане да работи како советник на „Олд Трафорд“.