Ралф Рангник му порачал на Единсон Кавани дека „очајнички“ сака тој да остане во Манчестер јунајтед и дека нема да му дозволи да замине во јануари и покрај интересот на Барселона.
Иднината на Уругваецот на „Олд Трафорд“ стана неизвесна по враќањето на Кристијано Роналдо, кој е најдобар стрелец на Јунајтед со 14 гола, и 34-годишниот ветеран имаше 10 настапи за „ѓаволите“, од кои последниот меч против Барнли беше прв старт од 30 октомври.
„Разговаравме последните неколку недели, можеби Единсон е фудбалерот со кого зборував најмногу. Му кажав од првиот ден дека за мене тој е многу важен фудбалер, бидејќи е единствениот кој може да игра како напаѓач со свртен грб. Неговиот професионализам, неговата работна етика е фантастична и му кажав дека очајнички сакам да остане до крајот на сезоната. Знае колку го ценам и го почитувам и затоа од почетокот го играв заедно со Кристијано. Знае дека нема да го пуштам, бидејќи ми треба уште еден Еди“, вели Рангник.
Германскиот привремен менаџер на Јунајтед исто така сака и Дони ван де Бек да остане на „Олд Трафорд“, иако Холанѓанецот има само два лигашки настапи оваа сезона.
„Дони има врвен менталитет, и работи напорно секоја тренинг сесија. Има натпревари во кои ќе добие шанса. Знам дека му е тешко бидејќи сака да игра за репрезентацијата, но верувам дека мораме да го заддржиме, барем до крајот на сезоната“, додава Германецот.