Ралф Рангник сака да направи „револуција“ во Манчестер јунајтед со трансфер на четири млади германски фудбалери кои сака да ги донесе на „Олд Трафорд“ без разлика дали ќе биде поставен како нов постојан менаџер на клубот, јавува „Сан“.
Прв на листата е тинејџерот Флоријан Вирц од Баер Леверкузен, на кого многумина му предвидуваат голема иднина како најдобриот германски фудбалер од средниот ред во последната деценија. Цената за 18-годишникот нема да биде мала, бидејќи „ѓаволите“ ќе треба да одвојат најмалку 70 милиони евра.
Вирц дебитираше пред својот 17-ти роденден за „фармацевтите“, а исто така стана најмладиот У-21 репрезентативец во историјата на Германија, а има договор со Леверкузен до 2026 година.
Другите три млади фудбалери кои ги посакува Рангник се Лука Нец, Ерик Мартел и Армел Бела-Кочап. 18-годишниот лев бек Нец, пристигна во Борусија Менхенгладбах во август по 15 настапи за Херта, 19-годишниот Мартел (игра на средина на теренот) е фудбалер на Лајпциг, а игра како позајмен во Австрија Виена, додека 20-годишниот Бела-Кочап, кој е централен бек беше еден од главните играчи на Бохум минатата сезона носејќи ги во Бундеслигата.