Маркус Рашфорд постигна два гола, имаше една статива и ги предводеше Манчестер јунајтед до 2:1 победа над Тотенхем во дуелот од 15. коло од Премиер лигата, во меч кој беше прв за Жозе Мурињо на „Олд Трафорд“ како тренер на друг тим по отпуштањето минатиот декември.
„Ѓаволите“ почнаа многу порасположено во првото полувреме и уште во шестата минута Рашфорд со убав гол им донесе предност од 1:0, но откако промашија неколку одлични шанси против релативно слабите Тотенхем, казната ги стигна во 39. минута, кога Деле Али го продолжи „препородот“ под Мурињо и го постигна четвртиот гол во четири меча по лошата интервенција на одбраната на Јунајтед.
Сепак, Рашфорд повторно доби шанса да ги донесе домаќините во водство во 49. минута, кога беше досуден пенал за Јунајтед и тој сигурно го совлада Газанига.
Со трите поени, Јунајтед се искачија на шестото место на табелата со 21 поен, додека Тотенхем се осми со 20 поени.
Враќање во „својот „клуб“ имаше и Џон Тери, како помошник тренер на Астон вила на „Стемфорд бриџ“ на дуелот со клубот каде што беше капитен, Челси, пресметка која на крајот ја добија „сините“ со 2:1.
Теми Абрахам во 24. минута донесе водство за Челси, но Вила успеа да израмни во финишот на првото полувреме преку Трезеге, пред Мејсон Маунт, по асистенција на Абрахам да ги постави конечните 2:1 на почетокот на второто полувреме.
Лестер се намачи, но стигна до 11. победа оваа сезона со која се врати на второто место на табелата, откако со 2:0 ги совладаа последнопласираните Ватфорд со гол од пенал на Џејми Варди и со уште еден гол во 95. минута на Џејмс Медисон.
ПРЕМИЕР ЛИГА, 15.КОЛО
Челси – Астон вила 2:1
Лестер – Ватфорд 2:0
Манчестер јунајтед – Тотенхем 2:1
Саутемптон – Норич 2:1
Вулверхемптон – Вест хем 1:0