На Јувентус минатата недела со судска одлука му беа одземени 15 бода поради финансиски малверзации. Клубот е казнет за фалсификување финансиски извештаи, односно прикажување лажни профити, како и за малверзации со плати за време на пандемијата. Поради казната „старата дама“ падна на десеттото место на табелата.
Сепак, се чини дека бодовната казна нема да биде единствената што ќе го погоди славниот италијански клуб. Казната би можела да се прошири и на играчите кои наводно се вмешани во аферата, а италијанските новинари досега објавија 23 фудбалери кои се под истрага.
Новинарот Паоло Зилијани денеска објави сензационална вест која ја потресе Италија. Тој ексклузивно ги објави имињата на 23 играчи кои се под истрага затоа што прифатиле лажно помали плати и со тоа му користеле на Јувентус. За ова им се заканува суспензија од 30 дена, дури и ако веќе не играат за Јувентус или во Серија А.
Tutti squalificati. Per almeno un mese. In questo campionato. Forse già a breve. E sì, lo so, non è una notizia di poco conto. I media italiani tremano al pensiero di darla, ma forse è il caso di non fare gli schizzinosi: almeno si evitano svenimenti come per il -15 (1. segue) pic.twitter.com/435Kn6HUS5
— Paolo Ziliani (@ZZiliani) January 24, 2023
Меѓу наведените има и бројни ѕвезди кои го носат или го носеле дресот на „старата дама“ во последните години, меѓу кои и Кристијано Роналдо. Зилијани откри дека во рамките на истрагата биле сослушани сите инволвирани во приказната и дека признале дека учествувале во нечесни дејствија.
„Двајца играчи, Матијс де Лихт и Матија Де Шилјо, им дадоа на судиите копија од разговори на „WhatsApp“ во кој Џорџо Кјелини им ја објасни измамата на сите, сугерирајќи дека тоа не треба да се споменува на новинарите“, откри Зилијани.
Новинарот објави и официјални документи во кои се наведува времето на потпишување на договорот наречен „маневри за плата“, меѓу кои се наведени 23 играчи. Заедно со документите, тој истакна дека секое од 23-те имиња се соочува со суспензија, барем на еден месец.
Заедно со Роналдо, на листата се и Миралем Пјаниќ, Пауло Дибала, Леонардо Бонучи, Адриен Рабио, Џорџо Кјелини, Џанлуиџи Буфон, Гонзало Игуаин, како и тренерот Маурицио Сари.