Top Sport

Реал го има Серхио Рамос! Капитенот пак им донесе победа со гол од пенал! (видео)

Реал Мадрид стигна до исклучително важна победа од 1:0 на гостувањето кај Атлетик Билбао правејќи голем чекор кон титулата во шпанската Ла лига, одвојувајќи се на седум поени пред Барселона, која денеска има исто толку тешко гостување кај Вилјареал.

Слично како при претходната победа од 1:0 над Хетафе, човек на одлука беше капитенот Серхио Рамос со гол од пенал во 73. минута од мечот, негов вкупно 10-ти гол во Ла лига оваа сезона, со што на пример е пред Антоан Гризман од Барса, кој има осум постигнати гола.

Со овие 10 гола, Рамос е првиот бек кој постигнал 10 гола во една сезона по уште еден фудбалер на Реал Мадрид, легендарниот Фернандо Јеро во 1993/94, а исто така има неверојатни пет гола во последните седум меча. Рамос исто така има најдолга серија на успешно постигнати пенали во Европа, дури 22 пати едноподруго бил прецизен од белата точка. Рамос исто така има 120 постигнати голови во кариерата, што е исклучително остварување за одбранбен фудбалер.

Сепак, овие неверојатни остварувања на Рамос не се голема утеха за навивачите на Атлетик Билбао кои се жалат дека пеналот беше престрого досуден, и дека во иста ситуација подоцна, Рамос не бил казнет за сличен прекршок.

Пред одлучувачкиот потег на капитенот, двата тима беа релативно израмнети во првото полувреме со интересни шанси за Карим Бензема за Реал и за Родриго за Атлетик. Ситуацијата се смени во 71. минута, кога Марсело имаше дуел со Дани Гарсија во шестнаесетникот на Атлетик, по што судијата реши ситуацијата да отиде кај ВАР системот, кој одлучи дека Марсело стигнал до топката пред фудбалерот на Билбао и досуди пенал. Само пет минути подоцна, Раул Гарсија падна во шестнаесетникот на Реал по дуелот со Рамос, но овојпат ВАР системот не беше повикан на помош!

Scroll to Top