Еден Азар и официјално стана фудбалер на Реал Мадрид, откако шпанскиот клуб потврди дека го финализираше трансферот вреден 100 милиони евра од Челси во петокот навечер.
Белгиецот заминува од „Стемфорд бриџ“ во договор вреден минимум 100 милиони евра, кој може да порасне на 140 милиони евра доколку се исполнат неколку услови. Азар, кој има договор до 30 јуни 2024 година, ќе биде презентиран како нов фудбалер во Мадрид на 13 јуни.
Ова доаѓа откако претставниците на Реал беа во Лондон цела недела на преговори со директорот на Челси, Марина Грановскаја, и сега се комплетираше трансферот по седум години во Премиер лигата.
28-годишниот Азар не ја криеше желбата да оди во Мадрид и да работи под Зинедин Зидан, откако уште лани по СП во Русија изјави дека тоа е „неговиот сон“. Бидејќи неговиот договор со Челси завршуваше следната сезона, а беше јасно дека нема да потпише нов договор, во Челси решија дека е најисплатливо да биде продаден.
Азар е трето засилување за Реал ова лето, откако претходно Лука Јовиќ беше донесен од Ајнтрахт (70 милиони евра), а веќе беше договорен трансферот на Едер Милисао од Порто.
? #WelcomeHazard pic.twitter.com/6CvH9LHXSy
— Real Madrid C.F.⚽ (@realmadrid) June 7, 2019