Тренерот на фудбалерите на Реал Мадрид, Карло Анчелоти изјави дека по тешката повреда со која се здоби Тибо Куртоа, довербата ќе му ја укаже на резервниот голман Андриј Лунин.
„Мораме да му посакаме на Куртоа брзо закрепнување и да му ја дадеме нашата доверба на Лунин“, рече Анчелоти, еден ден пред почетокот на новата сезона на Реал против Атлетик Билбао.
Првиот голман на Реал, Тибо Куртоа ги скина предните вкрстени лигаменти на левото колено и ќе го пропушти поголемиот дел од претстојната сезона. Привите прогнози се дека ќе отсуствува до алрил наредната година.
Клубот од Мадрид има рок до крајот на месецот да ангажира нов голман, но Анчелоти истакна дека тој што ќе дојде во клубот ќе му биде замена на украинскиот голман.
Минатата сезона, Лунин стартуваше на 12 натпревари, главно во периодот кога Куртоа беше надвор од теренот поради проблем со грбот. На тие натпревари прими 13 гола, а на четири меча остана несовладан.
„Имаме целосна доверба во него. Сметаме дека е талентиран и единствено што му недостасува е искуството. Сега тој ќе го стекнува тоа искуство од ден на ден, натпревар по натпревар“, изјави Анчелоти.
На прашањето какви квалитети би барал кај новиот голман, Анчелоти се пошегува со новинарите: „Да може да ја запре топката со раце“.
Веднаш по повредата на Куртоа, шпанските медиуми почнаа да шпекулираат кого може да доведе Реал. Тие издвоија три имиња. Давид де Хеа кој е слободен играч, Кепа Аризабалага кој се поврзува и со Баерн Минхен и голманот на Севилја, Јасин Бону.