По одличниот настап на Светското првенство во Катар, каде ја освои „Златната копачка“ со осум гола, Килијан Мбапе повторно е силно поврзуван со трансфер во шпанскиот и европски првак Реал Мадрид. 24-годишната суперѕвезда минатото лето беше многу блиску до преселба во „кралскиот клуб“, но во последен момент реши да потпише нов договор со Пари Сен Жермен.
И покрај тоа, уште пред Мундијалот во Катар имаше многу информации дека напаѓачот се чувствувал разочаран што клубот не ги исполнил ветувањата при обновувањето на договорот, а тоа било доволно за да сака да си замине.
Овие шпекулации уште повеќе се засилија по неговиот блескав настап на Мундијалот.
Сепак, како што наведува „Марка“, Реал Мадрид нема намера да го обнови интересот за прескапиот Мбапе. Наместо тоа, на „Сантијаго Бернабеу“ сакаат да ги искористат парите што би ги потрошиле за Мбапе за да потпишат фудбалер од средниот ред.
Се верува дека цел број еден е Џуд Белингем од Борусија Дортмунд, а веднаш по него е најдобриот млад играч на Светското првенство во Катар, Енцо Фернандес од Бенфика.
Флорентино Перез ќе се потруди барем еден од двајцата одлични фудбалери следното лето да пристигне на „Сантијаго Бернабеу“.