Поранешниот дефанзивец на Манчестер јунајтед, Пол Паркер вели дека Пол Погба повторно разочарал со својата игра и дека сите очекуваат повеќе од човекот кој помогна лани Франција да ја освои титулата на СП во Русија.
Шпекулациите повторно го поврзуваат 26-годишниот Погба со трансфер во Реал Мадрид, но откако неговата форма повторно падна по краткотрајното „кревање“ кога Оле Гунар Солксјер беше поставен за тренер, Паркер вели дека во Мадрид не би ја толерирале оваа непостојаност на игра и однесувањето на теренот.
„Во Пол Погба дефинитивно има голема способност, но ако сакаш да те гледаат како најдобар, треба да покажеш постојаност. Не можеш да избираш кога сакаш да играш, а кога не, бидејќи на крајот ќе ти се врати. Тој не играше добро под Жозе Мурињо и сите велеа дека тоа е грешка на Португалецот. Ако сакате да се гледате како некој кој можеби ќе игра за Реал Мадрид, тие нема да прифатат перформанси како на мечот со Барселона, и секако такво однесување. Сега со Оле Гунар Солксјер како тренер, повеќето фудбалери на Јунајтед знаат каде се со клубот и знаат што ќе носи иднината“, вели Паркер во интервју за „Евроспорт“.