Top Sport

Реал официјално го отпушти Лопетеги, Солари привремен тренер

Реал Мадрид и официјално го потврди тоа што сите го очекуваа – Хулен Лопетеги веќе не е тренер на „кралскиот клуб“, нешто повеќе од три месеци откако дојде на клупата на европскиот шампион, и привремено е заменет со Сантијаго Ернан Солари.

Поразот од 5:1 на „Ноу Камп“ од Барселона беше последната капка за управата на Реал и претседателот Флорентино Перез, по што реши да го смени Баскиецот со Солари, тренер на придружниот тим на Кастилја, исто како што Зинедин Зидан направи пред три години кога го замени Рафа Бенитез. Кризата каква што ретко се случува во Реал го примора клубот да направи промени, и Лопетеги е првата жртва.

Поразите од ЦСКА Москва, Алавес и Леванте во низа ја поткопа довербата во Лопетеги, кој дојде на клупата во јуни, кога беше отпуштен на два дена пред стартот на СП од позицијата селектор на Шпанија. Вината можеби не е целосно кај него, бидејќи требаше да го замени Зидан, кој имаше три титули од Европа во низа, но во тимот го немаше и Кристијано Роналдо, кој замина во Јувентус.

Клубот се обиде да ги донесе Маурицио Почетино од Тотенхем и Антонио Конте, но на крајот се реши за привремено решение – Солари, човекот кој својата кариера ја научи во Реал. Солари почна како тренер со Кадет Б тимот во 2013 и беше промовиран во А тимот во 2014 и во Јувенил Б во 2015. Во 2016 тој стана тренер на Кастилја, официјалниот Б-тим на Реал.

„Бордот на директори на Реал Мадрид на состанокот одлучи да го прекине договорот на Хулен Лопетеги за да се смени динамиката во првиот тим, и да се остварат целите од сезоната кои уште се можни. Има голема разлика од квалитетот на тимот, во кој има осум фудбалери номинирани за ’златната топка’ и резултатите кои ги покажуваме. Сантијаго Солари ќе ја започен работата уште од утре“, се вели во официјалното соопштение на Реал.

Фото: ЕПА

Scroll to Top