Мајорка успеа да му го нанесе првиот пораз на Реал Мадрид во Ла Лига. Во деветтото коло на Балеарските острови пресуди голот на Жуниор Лаго во седмата минута. Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски ги одигра последните 15 минути од овој натпревар.
Зинедин Зидан поради повреди и суспензии на теренот имаше комбиниран состав со Јовиќ, Винисисус и Бензема во нападот, односно Каземиро, Иско и Хамес Родригез во редот за врска.
Реал одигра лошо во првото полувреме, иако поседот на топка беше на нива страна. Од друга стран Мајорка организирано се бранеше, а од првиот опасен напад Лаго ја погоди мрежата.
Играчот од Брегот на Слоновата коска, убаво мина по левата страна, Одриозола не излезе навреме да го блокира, а тој со прецизен удар го погоди спротивниот агол од голот.
Десетина минути подоцна Будимир постигна уште еден гол за Мајорка, кој беше поништен поради офсајд. Реал во првиот дел најзрелата шанса ја имаше преку Бензема, но неговиот удар заврши во гредата.
Слична се одвиваа настаните и во вториот дел, со таа разлика што Реал од 74 минута играше без Одриозола кој го доби вториот жолт картон.
По ова коло Барселона го презеде врвот на табелата со 19 бода, еден повеќе од Реал, два од Гранада и три од Атлетико Мадрид.