Top Sport

Рекордна посета на Светското првенство за фудбалерки

Натпреварите на Светското фудбалско првенство за жени во Австралија и Нов Зеланд имаа рекордна посетеност од речиси два милиони гледачи.

Вкупно 1.978.274 навивачи ги следеа натпреварите на 10 стадиони во Австралија и Нов Зеланд од 20 јули до 20 август, што е нов рекорд за женскиот фудбал, објави денеска „Би-би-си“.

На годинашниот турнир првпат учествуваа 32 селекции и се одиграа 64 натпревари за разлика од пред четири години кога беа одиграни 52 меча.

Турнирот заврши во неделата со победа на шпанската репрезентација во финалето против Англија со 1:0. За тој натпревар во Сиднеј билетите беа распродадени, а на стадионот имаше 75.784 гледачи.

Претходниот рекорд на посетеност од 1.353.506 гледачи беше забележан во Канада во 2015 година, а четири години подоцна турнирот во Франција го следеа 1.131.312 навивачи.

Scroll to Top