Ѕвездата на Јувентус, Арон Ремзи смета дека тренинг-методите во Јувентус се виновни за неговите повреди, инсистирајќи дека само во велшката репрезентацијата знаат како да го извлечат максимумот од него.
Фудбалерот од средниот ред пристигна како слободен играч од Арсенал, но неговиот престој во Торино е поврзан со голем број на повреди, а оваа сезона има одиграно само 105 минути. Од март, Ремзи има повеќе играно за Велс отколку за Јувентус.
„Начинот на тренинзи и методите се многу различни во мојот клуб. Во Велс има многу луѓе кои ме менаџираат и знаат како да го извлечат максимумот и да ми дозволат да играм повеќе мечеви во низа. Способен сум да дадам добри перформанси“, вели Ремзи пред мечот од квалификациите за СП против Чешка.
Овие коментари секако ќе ги иритираат луѓето во Јувентус, кои му даваат годишна плата од 7 милиони евра на Велшанецот и подолго време се обидуваат да го продадат. Според „Ла газета дело спорт“, Ремзи ги чини „бјанконерите“ околу 18.000 евра за секоја одиграна минута оваа сезона.