Во отсуство на актуелни фудбалски активности, секогаш е интересно да се погледне во историјата. На денешен ден, пред точно 20 години, тогашниот ас на Лацио, Синиша Михајловиќ постигна фантастичен гол од слободен удар на „Стемфорд бриџ“ за победа над Челси.

„Бјанкочелестите“ тогаш беа едни од фаворитите за титула во натпреварувањето, поминувајќи ја лесно првата групна фаза, за во втората да играат со Челси, Марсеј и Феенорд. Во Лондон, Лацио отпатуваа како второпласирани по домашното 0:0 со „Сините“, а во претпоследниот натпревар во групата со 5:1 го „потопија“ Марсеј благодарение на четирите гола на Симоне Инзаги, сегашниот тренер на тимот.

Уругваецот Густаво Појет ги донесе Челси во водство во првото полувреме, пред Лацио да израмни во одлична акција во која учествуваа Ален Бокшиќ, Диего Симеоне и Павел Недвед за да му креираат шанса на Инзаги.

Клучниот момент дојде кога Михајловиќ, сегашниот тренер на Болоња, доби шанса да ги покаже своите квалитети во ударите од слободен удар, оставајќи го голманот на „Сините“, Ед де Гој без вистинска шанса.

Лацио го обезбеди првото место и место во четврт-финалето со Валенсија, додека Челси играа со Барселона. Двата тима ги загубија овие дуели, но за Лацио ова беше најдобрата европска сезона во историјата. Челси ќе го освои трофејот во 2012, но со многу поинаков тим.